Saturday, March 23, 2013

Психички појави

ПОИМ ЗА ПСИХИЧКИ ПОЈАВИ

Психичкиот живот на човекот е богат и се одвива преку многу психички појави кои се делат на: психички процеси (функции), психички состојби и психички особини. 


ПСИХИЧКИ ПРОЦЕСИ (ФУНКЦИИ) 

Ја чинат врската на човекот со средината. Тие настануваат во онтогенетскиот развиток (развиток на единката) под влијание на дразбите и информациите од средината кои човекот ги прима, интелектуално ги обработува и дава соодветен одговор. Според функцијата што ја обавуваат се групираат на: 
  •  сознајни (когнитивни или интелектуални): осети, перцепции, претстави, учење, помнење, мислење. 
  •  емоционални: ги опфаќаат чувствата, расположенијата и други емоционални доживувања. 
  •  конативни: ги опфаќаат мотивационите и волевите активности. 

ПСИХИЧКИ СОСТОЈБИ 

Тука спаѓаат: замор, загреаност, расеаност, внимание, сон , спиење и друго. Психичките состојби го определуваат начинот, брзината и одвивањето на психичките процеси. На пример, ,, не внимавав на часот и ништо не запаметив " - значи, помнењето (психички процес) не било можно затоа што ученикот не внимавал (психичка состојба). 

ПСИХИЧКИ ОСОБИНИ 

Се релативно трајни карактеристики на поединецот како што се: карактер, темперамент, интереси, ставови, способности и вредности. 

Во животот на човекот овие три групи појави делуваат заедно и се организирани во една целина наречена личност.  Сите овие појави ги има кај сите луѓе, но се организирани на различен начин, делуваат со различен квалитет и интензитет, од што произлегуваат индивидуалните разлики помеѓу луѓето. 


ОСЕТИ И ПЕРЦЕПЦИИ 

Поим за дразба и осет 

Човекот е постојано опкружен со голем број дразби што произлегуваат од надворешната средина, како што се бои, мириси, звуци, топлина, студено и други, а понекогаш дразбите доаѓаат и од промените во неговиот организам, како глад, жед, болка, одвратност и друго. Познато е дека во еволуцијата на човекот секој сетилен орган се приспособил да прима определен вид дразби, на пример, окото само светлосни бранови, носот мириси и слично. Осетите се однесуваат на некоја карактеристика на предметите и претставуваат субјективен одраз на објективната реалност. 



ВИДОВИ ОСЕТИ  

Осетите се делат зависно од потеклото на дразбите и сетилните органи. Постојат:
  1. НАДВОРЕШНИ ОСЕТИ - кои ги примаат сетилните органи сместени на надворешноста на организмот - екстероцептори (око, нос, јазик, кожа, уво). Такви се: 
  • Видни осети - настануваат кога врз окото дејствуваат светлосни бранови со бранова должина од 390-800 милимикрони. Ултравиолетовите и инфрацрвените зраци не ги осетуваме затоа што се надвор од овие граници. Осетот за боја, се формира така што предметот ги впива сите светлосни бранови, или одбива дел, или ги одбива сите од сончевиот спектар. Човековото око може да осетува околу 180 бои и десетици илјадници нивни нијанси. За идниот здравствен работник е важно да познава некои слепила за бои што често се среќаваат кај популацијата. Тоа се: далтонизам - кога човекот не разликува црвена и зелена боја, почеста е кај мажите, околу 7 % , и ахроматизам - кога човекот се околу себе забележува во црно-бело сиви нијанси. Се смета дека во областа на непосредното спознание окото учествува дури со 90 % во забележувањата.  
  • Слушни осети - настануваат кога на увото дејствуваат звучни бранови со зачестеност од 16-20.000 херци во секунда. Со осетот за слух можеме да регистрираме тонови, шумови, различни гласови и зборови, како и да ја разликуваме нивната јачина. 
  • Мирисни осети - настануваат кога хемиски материи делуваат врз мирисниот рецептор. Повеќето предмети во природата имаат свои мириси, па зависно од класификацијата на предметите има поделба на мирисите: цветни, овошни, зачински и други. 
  •  Кожни осети - настануваат кога се дразнат кожните рецептори за: болка, топло, ладно. тврдо, меко и слично. Многу се важни и имаат заштитна улога за организмот. 
  • Осети за вкус - настануваат при разложување на материите што ги ставаме во устата под влијание на плунката. Човекот разликува повеќе основни вкусови и нивни комбинации. 
    
   2.  ВНАТРЕШНИ ОСЕТИ - сместени во внатрешните органи, мускули, коски, жлезди - интероцептори. Такви се: 
  • Органски осети - не информираат за состојбата на организмот, односно нарушената хомеостаза: глад, жед, болка, повраќање. 
  • Осети за движење и рамнотежа - не информираат за движењата и положбата на телото при различни активности. Благодарение на нив човекот успева за кратко време да совлада голем број моторни активности. 

ПЕРЦЕПЦИИ  (ЗАБЕЛЕЖУВАЊА) 

Поим за перцепции 

Перцепциите не запознаваат со предметите во целина. Тие настануваат врз база на осетите, но не се нивен прост збир, туку осетите ментално се преработуваат во централниот нервен систем и заедно со искуството на човекот го овозможуваат непосредното спознавање (забележување на предметот во целина). 
Процесот на перцепирање се одликува со три основни својства: 
  1. Перцептивна селекција - тоа значи дека на сетилата на човекот во еден момент дејствуваат милиони дразби. Човекот одбира на кои дразби ке го насочи своето внимание. Одбирањето најчесто го прави според своите карактеристики, импресии, силината на дразбите и друго. 
  2. Целосност на перцепцијата - значи дека предметите и појавите се состојат од повеќе елементи, но во перцепцијата тие образуваат единствена целина. 
  3. Константност на перцепцијата - е важен услов за опстанокот на човекот во средината. 
Познато е дека на перцепирањето делуваат повеќе фактори кои се делат на две групи: 
  1. НАДВОРЕШНИ - кои ја опфаќаат самата физичка организација на дразбите според блискост, сличност, симетричност, континуираност и други особини. 
  2. ВНАТРЕШНИ - овие фактори имаат големо значење во процесот на перцепирањето: 
  •  Физиолошката состојба на организмот има голема улога во селекцијата на дразбите и процесот на перцепирање. Повеќе болести влијаат на сензомоторните способности, намалувајќи го или искривувајќи го перцепирањето. 
  • Функцијата на сетилните органи - Познато е дека кај старите луѓе се намалува способноста на сетилата, на пример за вид, слух, мирис. Промената на работата на сетилните органи се среќаваи кај различни болни состојби кај човекот. 
  • Искуство - предметите и појавите кои веќе биле во нашето поранешно искуство ги перцепираме побрзо и подобро од оние со кои за прв пат се среќаваме. 
  • Очекувања - влијаат на изборот на дразбите и нивната организација во целина и се тесно поврзани со потребите на човекот. 
  • Внимание - колку повеќе внимание насочуваме кон некоја појава толку е подобра перцепцијата. 
  • Емоции - интензивните негативни емоции (страв, гнев) доведуваат до деформирано перцепирање, а пријатните емоции со умерен интензитет се поголем услов на поточно перцепирање. 
  • Влијание на социјалните услови: овој фактор најдобро се прикажува со примерот на психолозите Брунер и Гудман. 
На процесот на перцепирање влијаат и културата, навиките и обичаите. 



РАСТРОЈСТВА НА ПЕРЦЕПЦИИТЕ 

  1. АГНОЗИИ - се растројства на перцепциите каде што постои невозможност од препознавање на примените осетни дразби, при што се зачувани периферните, сензорни и аферентните и еферентните нервни патишта. Постојат визуелни (оптички), слушни (акустички) и допирни (тактилни) агнозии, кои се јавуваат при органски оштетувања на мозокот.   
  2.  ИЛУЗИИ - се растројства на перцепциите што придонесуваат за погрешно препознавање  на перцепираните предмети и појави. Значи, тие се искривени и погрешни перцепции на надворешни објекти. Илузиите кои се најчесто резултат на навики, однесувања, сугестии или несвесни мотивации, често се нарекуваат активни илузии. Пасивните илузии се резултат на несовршеностите во функцијата на одредени осетни органи. Уште се нарекуваат и неопходни, природни затоа што овозможуваат функционирање на човекот во одредени ситуации. Кај илузиите на Милер и Лејер, линиите распоредени како зраци предизвикуваат сегментот АБ да изгледа подолг од сегментот ЦД иако двата сегмента се со иста должина. Во илузијата Понзо (Ponso)горната хоризонтална линија изгледа подолга од долната иако се со иста должина. Ејмсовата соба  е конструирана , така да изгледа дека двете жени се на исто растојание од камерата, но жената која се наоѓа лево е подалеку од камерата. Како посебен вид искривено перцепирање се таканаречените параидолии, кои претставуваат илузии што настануваат под дејство на фантазматични идеи и кои се во вид на фантастични сликисо прилична јасност (човечки фигури, кога се перцепира небото, морскиот песок и слично.  




3.  ХАЛУЦИНАЦИИ - се такви растројства на перцепциите каде што постои перцепција без дразба. Тие се лажни перцепции од страна на сите 5 сетила. При халуцинациите не постои надворешен стимулус, па така личностa ,,гледа" куќа која во реалноста не постои. Халуцинациите можат да бидат предизвикани и од земање на одредени дроги. Кај лажните халуцинации (псевдохалуцинации), субјектот е критичен за нивната реалност, меѓутоа и покрај тоа тој ги доживува. Халуцинациите се јавуваат во сферата на сите осети, па оттаму можат да се поделат на: оптички, акустички, тактилни, мирисни, ценестетички, густативни и вестибуларни халуцинации.